АРНО и 2030

Нашата организација во пост-2015 агендата се запозна и вклучи преку имплементација на низа активности како дел и во соработка со мрежата на граѓански организации  Y-PEER Македонија.

Во изминатиот период АРНО се јави и во улога на администратор на фондовите на мрежата Y-PEER во Македонија, и преземајќи ја таа улога со целата одговорност, органски, презеде и  голем дел од инспирацијата за работење на оваа тема. Така, во многуте активности на мрежата, АРНО го даде својот придонес во креативното осмислување на интервенциите, по што и е препознаена (креативен печат во локализирањето на агендата 2030 преку осмислување на хаштагот #ијасимамцел- подоцна преземен од канцеларијата на ОН во Македонија).

Приказната за АРНО и #агенда2030 започна со кампањата “Идеите ги споделувам гласно” која беше дел од регионалната кампања “Младински глас- Иднината која ја посакувам во Источна Европа и Централна Азија” која имаше за цел да го застапува гласот на младите во развојната агенда на Обединетите Нации и да го поттикне младинското учество и вклучување на младите во донесувањето на одлуки на сите нивоа.

 

Овој проект се одвиваше во две фази во периодот од октомври 2014 до октомври 2015. Беа спроведени различни активности меѓу кои: едукативни претстави со театар на сенки, средби со младински активисти, претставници од институции и подмладоци на политичките партии, одбележување на Светскиот ден на млади, избор на најдобро дизајнирана младинска разгледница и ред други настани осмислени и реализирани од младите, поврзани со младинското учество и развојната агенда на Обединетите Нации. Како краен продукт од сите овие активности се изработи документот “Младинските препораки пост-15”, поддржани од 47 организации и ентитети кои работат за и со млади. Препораките беа предадени на претставник од Министерството за надворешни работи на РМ и понатаму врачени на македонската делегација која присутствуваше на Генералното Собрание на Обединетите Нации.

 

Преку хаштагот #ијасимамцел ги повикавме сите млади да се вклучат во националната дискусија и на социјалните мрежи, и да се придружат во застапувањето на младинските итнтереси, права и потреби.

 

До 2030-та година АРНО ќе вложува напори да придонесе во популаризацијата на агендата, но и во локализирањето на целите и мотивирањето на сите чинители во вложуањето заеднички напори во градењето на свет во кој, навистина, никој, не би бил изоставен или заборавен.