На 27.01.2019 во галерија „Акантус“-Скопје (поранешна еврејска куќа) , Здружението за социјални иновации „АРНО“ организираше настан за одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот-27 ми јануари. На настанот се прогласија победниците од конкурсот „Холокаустот во Македонија“ во категорија најдобар есеј – Ангела Петкоска (17) од Кичево со есејот „Јас, мојата генерација и холокаустот“  и во категорија разгледница-Симона Славкова (21) од Скопје со визуелното решение „Куфер“.
Во рамки на настанот свое излагање имаа и г. Димитар Белчев- поранешен вработен во МНР,  г-а Јана Ничота претставничка од Еврејска заедница на Р.Македонија и неговата екселенција израелскиот амбасадор г. Дан Орјан кој им се обрати на младите. Присутните имаа прилика да ги пополнат испечатените разгледници кои „АРНО“ свечено ги предаде на г. Горан Садикаријо – извршниот директор на Меморијалниот Центар на Холокаустот на Евреите од Македонија. Настанот помина во одлична атмосфера и беше одбележан со голем интерес и присуство од младите ученици, професори кои работат на темата и дипломати кои изразија поддршка за проектот (г. Јован Теговски, амбасадор и Национален координатор за Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот).

Проектот “Холокаустот на Балканот – истражување, едукација, сеќавање”, кој се спроведува во Романија, Србија, Бугарија, Хрватска, Македонија и Грција, треба да ги покаже состојбите на Холокаустот во овие држави и да ја зголеми свесноста, особено кај младата популација, за тоа што се случило во текот на Втората светска војна.  Дополнително, проектот цели не само на поткревање на свесноста, туку и кон укажување на можните негативни ефекти на нетолеранцијата, расизмот и дискриминацијата на одредени народи, како актуелни проблеми на денешницата.
Во завршната фаза од овој проект секој од партнерите го одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.  „АРНО“, како организација за социјални иновации, се одлучи за еден покреативен пристап и распиша конкурс за есеј и дизајн на разгледница на тема „Холокаустот во Македонија“. Целта на конкурсот беше  да се инспирираат младите креативно да се изразат и преку пишан збор или визуелизација да оддадат почит на сограѓаните-жртви на Холокаустот и пренесат порака дека овој трагичен настан никогаш нема да биде заборавен.
Конкурсот траеше  од  24 Декември до 14 Јануари и пристигнаа вкупно 8 есеи и 14 разгледници. АРНО упатува голема благодарност до сите учесници на конкурсот и ги охрабрува и понатаму да размислуваат на темата и да ја акутелизираат меѓу своите врсници.

„ Драго ни е, и се радуваме што „АРНО“ со своја заложба допринесува кон оваа важна општествена дискусија. Ние работиме со младата популација и кога зборуваме на оваа тема зборуваме не само за минатото, туку и за научените лекции и општо за човечките права. Наша стратешка област е и филантропијата, која сакаме да ја доближиме до младите и да ги потсетиме што се’ значи дефиницијата на „човекољубието“, не само како применет концепт на корпоративна филантропија и претпримеништвото. Инспирирани од успешноста на настанот и поддршката на засегнатите страни, ветуваме дека ќе продолжиме со работење на оваа тема, не само во одбележувањето на овој ден туку и во текот на целата година. Разгледницата„ Куфер“ кој е победничко решение на Симона носи една силна порака, и ние ветуваме дека овој куфер полн сеќавања ќе го носиме секој ден, со целата негова тежина, но и значење за идните патишта по кои одиме.“

Во рамки на проектот “Холокаустот на Балканот–истражување, едукација, сеќавање” се имплементираа и студиски посети во секоја партнерска земја, посети преку кои учесниците  се запознаваа одблиску со овој дел од историјата и се инспирираа за понатамошно делување.

„Во посетата на овие настани „АРНО“ вклучи млади луѓе кои имаа прилика одблиску да ги посетат градовите од Балканот: Букурешт, Осијек, Солун, Белград, Пловдив и Скопје. Секоја од овие посети, според сведоштвата на нашите учесници беше едукативна  и инспиративна. Така на пример во Букурешт учесниците посетија еврејски театар во кој денес на репертоарот можат да се видат еврејски претстави, од Пловдив учесниците си дојдоа со впечатоци од посетената синагога, запознавањето со свештено лице-рабин и разговор со преживеани Евреи. Верувајте, долго во нашата канцеларија зборувавме за овие нови искуства.
За настанот во Скопје пак, нашите партнери ни пишуваа и после неколку месеци. Во име на „АРНО“ дозволете уште еднаш, јавно, да искажам благодарност до Музејот на Холокаустот на Евреите од Македонија и до директорот г. Горан Садикаријо кој излезе во пресрет на нашето барање за гостропримство, наменски ги отвори вратите  и ja водеше турата која, уште еднаш да нагласиме, ги остави гостите без зборови. Не’ радува подрршката од клучните актери и засегнатите страни и благодарение на овој проект ние се чувствуваме добредојдени и мотивирани да работиме со младите луѓе уште повеќе на оваа тема.“
– сподели  Катерина Панова Матоска од „АРНО“ –модератор на настанот.