„Вклучување на мажите и момчињата за родова еднаквост“ е проект на Здружение за социјални иновации „АРНО“ кој се имплементира во партнерство со Y-PEER Македонија со поддршка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Организации кои го поддржаа проектот во Македонија се: Здружение Родова Перспектива, Здружение за еднакви можности „СЕМПЕР“ – Битола , ЖЕНСКИ ФОРУМ –ТЕТОВО, Женска Граѓанска Иницијатива АНТИКО, ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, Tiiiit !Inc и Организација жени на град Скопје и Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

САЕМ ЗА МАЖИ

Во рамки на кампањата на 16ти октомври во Јавна Соба се одржа и првиот саем за мажи. Во рамки на саемот се одржаа три работилници насловени како „Мажите пеглаат“, „Мажите готват“ и „Креативни игри за деца“. Учесниците ги градеа своите вештини во кујна преку подготовка на фамилијарен оброк и подготовка на привлечни и здрави оброци за деца по рецептите на Џорџ Георгиевски – таткото од Австралија со македонско потекло кој стана хит на социјалните мрежи со подготовка на ужинка и кој официјално даде поддршка и на македонската кампања „И мажите можат“. На настанот учесниците исто така имаа шанса да стекнат вештини за пеглање, диплење и анимирање на деца со театар на сенки.

ИНСТРУКТОРИ

Антонио Ѓорѓиевски (професионален млад готвач кој готви и секојдневно за семејството), Самет Шабани и Александар Грујиќ (млади луѓе чие хоби е пеглањето) и Круме Стефановски (основач на театарската група „Сенки и облаци“ и посветен татко).