На 2-ри јуни, во 23:59 часот заврши пријавувањето за натпреварот „Филантропија преку зелени идеи 2019“. На натпреварот учествуваат вкупно 38 зелени бизнис идеи кои ги поднесоа формуларите за учество. АРНО сака да се заблагодари на учесниците за интересот и издвоеното време, на сите соработници кои го промовираа натпреварот, и на жирито кое пред себе има задача да ги оцени и избере 10-те финалисти кои ќе се натпреваруваат понатаму. Пријавите кои се избрани за финалето ќе бидат известени на 11.06.2019, на крајот од работниот ден.  

„ Радосни сме, и пријатно изненадени, од бројот на апликации. 38 е рекорден број на поднесени апликации на ФЗИ кој го организираме петта година по ред. Бевме загрижени за воведувањето на задолжителен финансиски формулар, но граѓаните ни докажаа дека нашата земја има капацитет да размислува во вистински правец. Она што го имаме како заложба, и како една порака до сите кои аплицираа, е дека ќе се трудиме дополнително да создаваме можности за апликантите, без разлика дали стигнале до финале или национална победа.  Насоките за зелената економија се јасни, одзивот е добар,  и ова е само еден патоказ каде треба да се движи општеството ако сакаме да сме во чекор со светските економски трендови. Се надеваме дека натпреварот ќе добие дополнителни поддржувачи, без разлика дали и годинава ќе имаме регионален победник.“

 

НАПОМЕНА: Поради технички пропусти и барања на апликантите, со жалење, но и желба за праведност и фер однос кон сите, мораме да нагласиме дека не е дозволено менување на поднесените формулари.