Од 9-ти до 12-ти јули, во Тирана-Албанија, по 8-ми пат, се одржа регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“. Во текот на два дена, 21 учесници од 7 земји  ги презентираа своите иновативни, зелени идеи и се бореа за една од четирите награди во вредност од 10 000 долари. Меѓународното експертско жири за победници ги прогласи македонските зелени идеи „Challenger“ претставена од Олга Рајчиќ и „Производство на био-смарт ориз“ претставена од Јорданчо Лефков, идејата на Стаматина Маја Мошандру од Грција „Енергија која припаѓа на заедниците“ и идејата на Салко Ужичанин од БиХ „Соларни панели SolHeat“.

Низ годините натпреварот има инспирирано и инвестирано 220 000 долари во 22 зелени бизнис идеи како поттик на одржливиот развој на Балканот, и како доказ дека граѓаните и малите заедници можат да понудат иновативни, зелени, инклузивни бизнис идеи кои се одговор на еколошките и економските предизвици во секоја од земјите. По четврти пат македонски зелени идеи се наградени на регионално ниво, и досега вкупно 6 македонски победнички идеи имаат освоено по 10 000 долари за реализација на зелените бизниси.

„ Двете награди за нашата земја се доказ дека ние имаме идеи, луѓе и посветеност да бидеме лидери во зелената економија. Ние во АРНО гледаме на овој натпревар не само како на извор на финансии и поддршка за локални бизниси, туку и како инспирација и охрабрување за сите наши граѓани за зелена економија и социјално претприемништво. Горди сме, оваа година конкуренцијата беше голема и силна, ние многу се подготвувавме со нашите натпреварувачи и, еве ги резултатите- си дојдовме дома со 2 од 4 награди. За ова ни помогна и нашето национално експертско жири кое ги препозна и избра нашите претставници. Благодарни сме на жирито, партнерите, медиумите и сите што се дел од оваа приказна“ – изјави Ирина Јаневска од АРНО.

„Регионалниот натпревар во Тирана беше едно незаборавно искуство. Да бидете опкружени со луѓе од регионот кои ја имаат истата пасија, да создадат бизнис за одржлива иднина е навистина единствено чувство. Овој натпревар дополнително ни ја врати вербата дека и на Балканот може да се случат позитивни промени. Пресреќни сме што ја добивме наградата, но токму ова значи дека сега треба да работиме уште понапорно за да ја оправдаме дадената доверба. Ние веруваме дека Challenger ќе стане Балканска алатка која ќе биде мотиватор за создавање одржливи и зелени заедници.“  изјави Олга Рајчиќ која го претставуваше тимот кој стои позади идејата „Challenger“

 

 

„Наградата, која ја добивме на натпреварот во Тирана значи потврда за се’ она што ние го работиме последните неколку години со “Програмата за зачувување на природата”, координирана од „Фармахем”. Тоа е трансформација на неодржливиот модел на оризопроизводството во одржлив модел. Наградата е поттик за нас да продолжиме со нашите настојувања, да ни’ се приклучуваат повеќе фармери, да направиме голема приказна за производството на ориз, со настојување да се заштеди на инпутите, водата, семенскиот материјал, а во исто време да се има подобра реколта, повеќе профит за фармерите, поквалитетен и безбеден ориз за исхрана, да се заштити здравјето на луѓето и животната средина. Ете тоа е “Био смарт ориз”, нов производ, сертифициран, при што со помош од наградата од 10.000 долари за нашето здружение од овој натпревар, ќе го лансираме на пазарот веќе од наредната година“ – изјави Јорданчо Лефков од  Јадрената група за одржливо производство на ориз “Оризова братимка” од Чешиново.