Вчера, на 5-ти јули во Скопје, во организација на здружението „АРНО“,  се одржа финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи. Жири комисијата ги избра идеите „ЕКО-ДЕТЕ“ (Јасмина Главинчевска –Визарт), „ Дизајн за сите -нула отпад  “ (Марија Митевска –Пинк Суппорт), „ Гаџун -лек за кралевите и крал на лековите“ (Кристина Тодорова  -Ековита ) за македонски претставници на регионалниот натпревар на кој ќе се натпреваруваат за поддршка од 10 000 долари.

Вкупно 11 зелени идеи се натпреваруваа за пласман во македонското финале. Финалистите се преставија со идеи за бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедниците и елемент на иновација. Покрај победничките идеи македонските граѓани се натпреваруваа со идеи за редизајн на велосипеди, мобилна апликација –игра за мапирање на отпад, природен сапун од козјо млеко, иновација во системот за наводнување  -Dropsaver, брендирани млади органски салати, продавничка за рефус производи, пчеларска кооператива за органски мед и восок, услуги за боење облека со природни бои.

 „ Благодариме на 8-членото жири кое ни помогна да ги избереме победниците. Во нашата земја има луѓе кои имаат познавања од многу области, тие доаѓаат од еколошки друштва, банки, здруженија кои неуморно работат. Благодарност до: Маја Антеска – European Bank for Reconstruction and Development (EBRD)- Европска Банка за обнова и развој Робертина Брајаноска- Македонско Еколошко друштвом Габриела Мицевска- Swisscontact, Фисник Шабани- Strategic Development Consulting,Влатко Данилов- Management Consulting Association MCA 2000 , Јане Заевски- Храна за сите “Food for everyone”, Кристиан Шопов – Грин меџик продакшн. Со здружување може многу да направиме, ова е доказ дека првиот чекор кон зелената економија е препознавањето на идеите, а понатаму, секако, и поддршката. Се надеваме дека следната вест од АРНО ќе биде нова регионална победа“ изјави Ирина Јаневска, координатор на проектот.

Тројцата победници на национално ниво добиваат награда -вредносен ваучер за консултантски услуги, доделен од  „МКА2000“.

“Ние сме лоцирани во село Опила, на 2км од општината Ранковце , 20 км оддалечени од Крива Паланка и сме единствени во регионот ,а може и пошироко, што сакаaт да создава парчиња од материјали кои се фрлаат во огромна количина. Побарувачка постои за дизајни за лица со посебни потреби, но во Македонија се’ уште е табу и повеќето се снаоѓаат како знаат. Замислете кога на слепо лице ќе му направиш маица со етикета која може да му каже преку Брајовото писмо која величина е, боја, и модел, или дизајн на принт каде што се чита на Брајова азбука.” изјави Марија Митевска од Пинк Суппорт

„Горда сум што сме национален победник за  зелена идеја, тука сме да донесеме еден нов поттик во Повардарието,и да охрабриме  развој и на други инциијативи за  финални производи од нашиот град.“ изјави Кристина Тодорова која доаѓа Ековита-Неготино.

„ЕКО-ДЕТЕ е линија на производи за деца (сликовници, боенки, блокчиња за цртање, покани за родендени и сл.) која  може да се засади во земја и од неа никнуваат растенија. Реупотребливата хартија во специјално дизајнирани кутии ќе ја собираат децата во градинките и училиштата, лица со посебни потреби и други социјално ранливи категории на граѓани ќе ја рециклираат и од неа ќе создаваат нова. Производите ќе можат да се купат онлајн, во книжарници и игротеки. “ изјави Јасмина Главинчевска од Визарт.

Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Тројцата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари за реализација на својата идеја во своите земји.
„АРНО“, четврта година по ред,  го администрира националниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“ и се гордее на досегашните македонските регионални победнички идеи: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформа за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година) и едукација преку илузионистички еко-пораки „Еко илузија“  (2017 год).