На 29 септември 2016, во Импакт Хаб Скопје се одржа церемонијата за прогласување на победниците на Наградата за социјално претприемништво (Social Impact Award) 2016.  На церемонијата „АРНО“ како минатогодишен победник (второ место) го раскажа своето искуство од „Часови за готвење“ и им честита на сите финалисти за идеите со кои можат да направат промени на подобро.

Оваа година за Наградата за социјално претприемништво „АРНО“ во соработка со „Лондри кафе“ се натпреваруваше со  иницијативата „Чиста филантропија“  која настана од идеја за креирање на програми за донација на облека според потребите на различни групи на граѓани и вклучување на општествено одговорни компании.  Оваа иницијатива стигна до финалето на SIA2016, но не ги освои првите три места кои добиваат парична награда, но продолжува понатаму со барање начини за поддршка.

Првата награда во изност од 3000 евра ја освои идејата„ Audified Reality“ -Специјални очила кои ќе им овозможат на лицата со оштетен вид да ги препознаваат објектите кои се наоѓаат во непосредна близина на слепото лице. Втората награда во висина од 2000 евра стручното жири ја додели на ресторанот за здрава храна „Фрешис“ , а третото место го освои решението „Сламахер“  кои се залагаат за изградба на енергетски ефикасни домови од сламени бали по достапни цени.

„Сламахер “ беа и меѓу тројцата победници на натпреварот  „Филантропија преку зелени идеи “ во Македонија кој се спроведе во мај 2016 од страна на АРНО. Со нивната идеја за изградба на куќи од сламени бали тие се натпреваруваа на регионалниот натпревар за зелени идеи заедно со зелени идеи од Србија, Албанија, Македонија, Црна Гора и Косово.  Освоеното место на SIA 2016 е доказ дека оваа идеја заслужува поддршка и ние им честитаме од срце на „Сламахер “.

За останатите идеи  кои беа во финалето на SIA 2015 се надеваме дека исто така ќе наидат на слух во општеството и дека тимовите ќе имаат желба, сила и енергија да ги реализираат. Млади луѓе кои преку бизнис модели за производство на рачно везени картички,  домашна органска козметика, платформа за споделен превоз, органски ручек за деца во училиштата, центар за музико-терапија за аутистични дечиња имаат визија да направат добро за себе и заедниците, заслужуваат внимание, поддршка и охрабрување.

Браво дечки и само храбро!